Што им треба на младите во Крушево?

Што им треба на младите во Крушево?

IYCKr

Социјалниот живот во Крушево некогаш знаел да биде навистина на ниско ниво. Без кафулиња, вечерни забави, ресторани, спортски игралишта, култура и различен тип на настани кои се исклучиво посветени на слободното време и неформалното образование. 

Денес Крушево има неколку кафулиња и во 3 од нив се организираат вечерни и ноќни забави кои кај младите пробудуваат најголем интерес. Во тој дел Крушево во последно време доби на разноликост и поголема можност. Се отвори Snow Kitchen & Bar кој заедно со клуб Планет ги организираат викенд-забавите во Крушево. Овие два крушевски локали во пракса се покажале и како добра опција за туристите, кои исто така ги посетуваат.

Snow Bar

Во овој дел на социјален живот и искористување на слободното време не изостануваат рестораните, како и хотелот Монтана Палас, но, да не се лажеме, пиењето кафе и викенд забавите не се и во никој случај не треба да се единствен „извор“ на социјален живот.

Новите спортски игралишта, едно повеќенаменско и две тениски, се уште една опција за младите во Крушево, заедно со крушевската спортска сала која е оспособена за користење се до нејзиното целосно реконструирање. 

Sport field

Но, на Крушево му се потребни дополнителни активности, кои ќе отворат повеќе опции за туристите, но и ќе го збогатат социјалниот живот на младите крушевчани. Покрај реконструкцијата на спортската сала општина Крушево како дел од тој проект планира уредување на велосипедски патеки.

Sport center

Тука не смееме а да не го споменеме културниот живот на Крушево, за кој досега младите во повеќе наврати покажале самоиницијативност за директно вклучување во креирањето на културниот живот. Повторно, културниот живот и не е така импресивен, но со реконструкцијата на горната училишна зграда се очекува младите да си го добијат своето место во граѓанскиот активизам, спортот и збогатување на културниот живот. 

Дел од социјалниот живот е и работата на невладините организации, особено на Младински Сојуз - Крушево чија таргет група се исклучиво младите. Преку проектите Youth Friendly City и Dive Depeer into Social Entrepreneurship како и настанот од европски рамки Интернационалната младинска конференција која секој септември 15 години по ред се одржува во Крушево оваа младинска организација му помага на Крушево да биде дел од модерните процеси, а на младите да им овозможи современо неформално образование. И секако, да го збогати нивниот социјален живот.

IYCKr

Можеме да заклучиме дека покрај работни места на еден град му се потребни дополнителни активности кои ќе го исполнат животот на младите и ќе создадат предизвици за младите да останат во својот роден крај. Едно без друго не оди. Покрај работа особено на младите им се потребни слободни активности, но и обратно, без работни места нема кој да ги практикува активностите дел од социјалниот живот.