Крушево од друг агол

Крушево од друг агол

Krusevo
Krusevo
Krusevo
Krusevo
Ilinden Uprisal Monument

Убавината на Крушево може да се види од повеќе страни на градот и сите нудат подеднакво воодушевување за пејсажот што градот го носи со себе. 

Утрово бевме во близина на музејот на Илинденско востание, кон западно-северната страна на Крушево од каде што „зграпчивме“ неколку убави пејсажи кои ги овозможува локацијата.

Погледот од секоја страна на Крушево е уникатен и нуди различен агол на перцепција на овој прекрасен град. Секој агол овозможува посебно доживување, посебно чувство предизвикано од погледот. Секоја страна на Крушево, секоја височинка отвора нов мир, нова тишина, ново освежување. Се ова морате барем еднаш да го доживеете од секоја страна на градот.

Прво што паѓа во очи од оваа страна на град Крушево е поделеноста на градот на два дела поделени на една средина со пејсажот кој се отвора кон Пелагонија. И, како по некоја градација се редат куќите со нивните ќерамидни црвени покриви. 

Некаде близу линијата која го дели Крушево на два дела високо се вее македонското знаме од центарот на градот, а тука и таму очи бодат неколку уникатни градби на Крушево како црквата Света Богородица, горната училишна зграда, модерно обоените фасади на куќите и зградите кои опстанале од времето на социјализмот.

Овој пејсаж од перцепција на северо-запад се простира од црквата Св. Богородица до, во моментов, единствениот хотел Монтана Палас, кои претставуваат врвови на двете страни од градот. 

Густата шума и далечниот недопирлив пејсаж кон Пелагонија преовладуваат со просторот и покрај почетната навидум доминантност на населениот дел од градот. Зеленилото и котлината која и со голо око е видлива од овој аспект се, на некој начин, вредности на Крушево кои го прават градот поубав и идеален за негово пресликување во сликовница на бајките.

Видливи се и оџаците од куќите, кои и во овој период на годината знаат да произведуваат чад од огништата на крушевчани заради нестабилните временски прилики, кои што се дел од климата под која потпаѓа Крушево.  

Додека го фокусирате погледот на секој еден детаљ, на секое движење ги забележувате терасите од крушевските куќи каде што на вакви сончеви денови повозрасните го пијат утринското кафе во друштво на блиските и комшиите. Го забележувате секое движење, а нив ги има многу заради местоположбата на овој дел од градот.

При посета во Крушево не пропуштајте да посетите еден од овие агли кои овозможуваат вистинско доживување. Искачете се овде повисоко од 1 250 метри надморска висина и запознајте се со убавината што еден поглед од некој агол може да ја создаде.

Пишува: Сотир Габелоски