Пола милион евра за развој на туризмот во Крушево
Општина Крушево е првата општина во Македонија чија апликација беше прифатена од Европска унија и Светска банка, дел од Проектот за локална и регионална конкурентност. Грантот е во износ од 500 000 евра а проектот е дел од ИПА 2 програмата ЕУ.
Проектот опфаќа реконструкција на спортската сала во Крушево, поставување знаци и информативни табли, сувенирници, обележување на патеки за пешачење и планински велосипедизам, опрема за спасување, возило за транспорт на повредени во текот на одржување на параглајдинг антпреварите, возило со 18 седишта за пилотите, градење на капацитети на засегнати страни, организирање настани како Крушево опен 2019, „Во недопрената природа на точак - Крушево 2018“.
Реконструкција и проширување на употребата на спортската сала е можеби централниот дел на проектот, заедно со двете возила за потребите на организирање на параглајдинг настаните на Мечкин Камен. Сепак, поставување знаци и информативни табли кои ќе ги насочуваат посетителите кон историските споменици и туристичките атракции кои се исто така важен дел од овој проект. На Крушево му недостасуваат ваков вид на информирање за посетителите и дел од локалитетите се непознати за туристите.
Исто така голем дел од Проектот зазема промоцијата, маркетинг и комуникација. Крушево, благодарение на овој проект, ќе се посвети на претставување на атракциите пред пошироката јавност и ќе ги промовира настаните кои ќе се одржуваат во Крушево, не само во летниот период туку и преку цела година.
Очекуваните резултати од Проектот за локална и регионална конкурентност се попрофесионална организација на меѓународните параглајдинг натпревари во Крушево, популаризирање на авантуристичкиот туризам во Крушево и поттикнување на локален економски развој кој ќе отвори работни места и целокупен развој на овој мал град.
- Најави се или регистрирај се за да поставиш коментар